ФФМ побара од УЕФА најстрога казна за Арнаутовиќ за навредите кон Алиоски

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално ѝ се обрати на УЕФА со барање за најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ за навредувањето на националистичка основа на македонскиот фудбалер Езгјан Алиоски.

„Фудбалската федерација на Мaкeдонија најостро го осудува националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ по постигнатиот гол на вчерашниот натпревар со Македонија упатен кон македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ. Како ‘куќа на фудбалот’, секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“, се вели во соопштението на ФФМ.

Австриецот со српско потекло го навреди на национална основа Алиоски по постигнувањето на последниот гол на мечот во Букурешт, во кој Австрија ја совлада Македонија со 3:1. Тој денеска се извини, нагласувајќи дека не е расист.