Претседателот на собраниската комисија за надворешни работи – Димитар Гардев од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов е иден министер за надворешни работи, објавија вчера бугарските медиуми.

Според поделбата на ресорите помеѓу четирите партии кои влегуваат во новата коалиција, ова министерство му припадна на партијата која е втора според бројот на пратеници во новиот владеачки блок.

Со тоа отпадна прогнозата на специјалниот претставник на Владата за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски кој го фаворизираше Даниел Лорер како близок човек на идниот бугарски премиер Кирил Петков.

– Петков вели дека најдобра личност за тоа би бил Даниел Лорер, кој има исклучителни познавања и е негов најблизок соработник. Беше во неговиот кабинет кога беше министер за економија во првиот службен кабинет на Јанев. Тој е евреин, има дипломирано на Универзитетот во Тел Авив и се говори дека има искуства во преговорите и дека е идеален човек за решение. Петков вели дека тој ќе се залага за подобрување на состојбите на Бугарите во Македонија, притоа свесни дека менувањето на Уставот не е единствено решение, рече Бучковски во емисијата „Топ тема“.
На ова одредени бугарски медиуми реагираа дека Скопје пред Софија го знае името на новиот министер за надворешни работи и дека тоа го немало ниту во времето на „железната зафеса“ кога Москва поставувала министри во земјите од Варшавскиот пакт.
Инаку Гардев во приватниот живот е познат по тоа што поседува црни појаси во карате и аикидо, а во професионалниот како политичар кој ја сака дисциплината. Има три магистратури зад себе и професионално искуство во дипломатијата, во меѓународните односи и во големите меѓународни организации. Зборува англиски, германски, руски и грчки и е автор на аналитички написи за меѓународните односи, ЕУ, за меѓународната безбедност и односите во регионот на Црното Море, Балканот и Блискиот Исток.
Во една од своите колумни има напишано дека „Бугарија ги сака истите односи со Македонија што ги имаат сите поделени балкански народи со своите братски народи – исто како Грција и Кипар, Србија и нејзините сродни републики, Албанија со Косово, Романија со Молдавија, а уште подалеку Германија со Австрија“.

– Сакаме државата да постои во рамките на нашата заедничка историја и заеднички јазик, како што дадов пример со земји-членки на ЕУ. Нема ништо чудно во ова. Сакаме да имаме чесен, братски сосед, како што имаат сите други. Што нѐ спречува ова да се случи? Искрено и братски, нѐ попречуваат странски сили. Тие што не сакаат Република Северна Македонија да влезе во ЕУ пред нив и оние што не сакаат да има единствен простор во НАТО, има напишано Гардев.

Извор: Фактор.мк