Фалсификувањата на македонското потекло на Кирил и Методиј – пишува Свето Тоевски

Денот 24.мај се чествува како ден на Свети Кирил и Методиј — браќа – Македонци родени во Солун, во Егејска Македонија во IX век, кои станале мисионери на христијанството меѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз ширењето на писменоста и врз културниот развој на сите Словени.

Поврзано со нив со нив постојат огромен број научни фалсификати, кои ги создавале и ги создаваат и натаму не мал број научници од светот, но и од Македонија.

Тие, научници, намерно или ненамерно, пропуштаат или не сакаат да ги именуваат македонските и сесловенски просветители Константин – Кирил Филозоф (826-869) и Методиј Солунски (815-885) токму како Македонци.

Дека светите Македонски браќа Кирил и Методиј својот народен дијалект од околината на Солун на својот мајчин македонски јазик го употребиле да биде темел на писменоста, богослужбите и духовноста, на културата и јазикот на сите словенски народи во натамошните векови се до денес.

Многу се почести именувањата на Кирил и Методиј како како „сесловенски просветители“, „солунски браќа“, „византиски мисионери“, „бугарски просветители“, а поретко како македонски просветителски дејци, првенствено од македонско потекло. Тоа е, исто така, широко отворање врата за негирањата на македонскиот јазик, неговите дијалекти, на македонскиот идентитет и култура.

Во „Енциклопедијата на христијанската цивилизација“ Пол Хигинс ќе напише: „Византиските грчки светители Кирил и Методиј, ‘апостолите на Словените’, биле браќа родени во Солун… Во нивната младост Кирил и Методиј го научиле дијалектот на Словените во околината на Солун и можеле да го зборуваат нивниот јазик течно.“ (Higgins Paul. Cyril and Methodius. 2011:762).

Наспроти Хигинс еден од големите светски лингвисти Роман Јакобсон не ги смета Кирил и Методиј како Грци, ниту како Византијци, туку сосема јасно го нагласува нивниот „мајчин македонски дијалект“, односно дека се Македонци: „Кога пред повеќе од илјада години започнал да се употребува и да се шири првиот словенски пишан јазик јазичните разлики во словенскиот свет биле незначителни… На крајот на деветтиот век, како што Вајант вели соодветно, Словените ‘сè уште беа свесни дека зборуваат на ист јазик’. Затоа словенските апостоли Константин – Кирил и Методиј можеа да го користат својот мајчин македонски дијалект за мисионерска работа во Моравија. (Roman Jakobson. Selected Writings. VI, Early Slavic Paths and Crossroads, 1. Comparative Slavic Studies. The Cyrillo-Methodian Tradition. 1985:34)

Наспроти овој став на Јакобсон, кој изрично ја нагласува идентитетската одредница „македонски“ за дијалектот, односно јазикот што го говореле Кирил и Методиј, Катица Ќулафкова смета: „…нема оправдание словенските ракописи пред 1100 година да се доопределуваат етнички – како македонски црковнословенски, бугарски црковнословенски, српски или руски црковнословенски. … Фактот дека старословенскиот е втемелен врз говорот на македонските Словени не треба да биде покритие за негово ексклузивно присвојување од страна на современите Македонци.“ Катица Ќулавкова.

„Предисторија на кодификацијата на македонскиот книжевен јазик“. Во: „Македонскиот јазик во простор и време“. МАНУ, Институт за македонски јазик и Филолошки Факултет „Блаже Конески“.2020:21-22).

Неспорен факт е дека браќата – Македонци Кирил и Методиј го исползувале за целите на својата сесловенска мисија сопствениот мајчин македонски дијалект, кој е директен наследник на античкиот македонски јазик. Тој нивен македонски дијалект тогаш се наоѓал допрва на почетокот на неговото проткајување со компоненти од јазикот на словенските племиња, кои вршеле опсада и го освоиле конечно нивниот роден град Солун.

Во тоа време започнале постапните еволутивни процеси на нивно етничко мешање, македонизирање на Словените и словенизирање на Македонците, од кои произлегувал и еволуирал низ натамошните векови денешниот македонски народ со својот македонски јазик и сите други свои познати идентитетски обележја.

„Старословенскиот јазик, литургискиот јазик на Источната ортодоксна црква, е заснован врз солунскиот дијалект на старомакедонскиот јазик, еден од јужнословенските јазици“ – наведува Мартин Е.Хулд, експерт за индоевропски јазици од државниот универзитет во Калифорнија, во својата научна статија во „Енциклопедијата на индоевропската култура“ (Mallory James, D.Q. Adams/eds./. Encyclopedia of Indo-European Culture. 1997:301).

Со оглед на сево ова, македонската лингвистика и историографија имаат јасна должност во Македонија и ширум светот еднаш засекогаш да се изборат за единственото правилно именување на Кирил и Методиј како Македонски и Сесловенски просветители.

Тоа е долг и кон двајцата браќа – Македонци, кои втиснаа неизбришлива трага во словенството.

Пишува Свето Тоевски
Новинар и научен истражувач