Фалсификуван твит на академик Катица Ќулавкова?

Академик Катица Ќулавкова реагира на лажен твит кој што го споделува пропагандата на власта во кој таа наводно тврди дека македонскиот јазик е мртов јазик.

“Веќе две години вртат некој твит што ми го подметнал некој (лице, служба), а во којшто наводно велам дека македонскиот е мртов јазик.

Јавноста добро ги знае моите ставови за македонскиот јазичен, културен, национален и историски идентитет. Сѐ што не е одбрана и афирмација на македонскиот идентитет, а некој ми го припишува под фиктивни твитови и искази, сметајте го за злоупотреба, лага и за знак дека (повторно) се обидуваат да ме дефамираат и да ме истиснат од јавните медиуми, социјалните мрежи (на Твитер не сум веќе 6 месеци), а ако можат и многу повеќе, и многу полошо од тоа. Но, нема бегање од вистината. Моите ставови ќе ги најдете објавени во моите книги, и поетски, и прозни, и есеистички, и научни, таму сѐ сум кажала како што треба”, реагира академик Ќулавкова на очигледниот обид таа да биде дезавуирана во јавноста.

Професор Ќулавкова е една од ретките македонки академици кои беа гласни против Преспанскиот договор , двојазичноста и договорот со Бугарија и нудеше несонборливи научни докази за своите ставови.

Важи за една од најпочитуваните македонски интелектуалци и во земјава и во регионот.