Во април 2022 година кога беа објавени првите податоци од пописот на сите ни стана јасно дека овој попис не ја утврди вистинската состојба за тоа колку сме според етничка и религиска припадност. Голема бројка од 132.260 лица или 7,2% непопишани, за кои се земаа податоци од административни извори останаа неискажани дали се Македонци и христијани, или пак Албанци, Турци и други и муслимани.

Но, јасно е дека во најголем дел се работи за Македонци и христијани (и покрај манипулацијата со раздробувањето на вероисповеста кај христијаните).

Од тогаш се беа објавени уште податоци од пописот, но ни збор од политичките партии од власта за тоа каков заклучок донесоа и какви економски и социјални политики ќе креираат. Власта беше гласна само за првите податоци, што покажа дека политичките мотиви биле поголеми од економските или социјалните мотиви.

Третиот сет на податоци од пописот коишто неодамна ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС) се однесуваат на образовните и економските карактериистики на населението, за лицата со попреченост и дел од карактеристиките за живеалиштата и становите.

И во јавноста се крена врева дека од вкупно 839.174 станови, 36,6% или 307.187 се ненаселени. Причините, јавноста ги препозна во иселувањето и во насоченоста на населението да ги чува своите средства во недвижности, како најсигурна инвестиција во нестабилни услови во какви живееме.

Но, новообјавените податоци треба да служат како основа за конципирање на политики за подобрување на состојбите во нашата држава. Податоците за економските и образовните карактеристики на населението, односно податоците за состојбата на пазарот на труд се високо значајни.

Но за жал, како и од податоците за етничката и религиска припадност, така и од податоците за економските карактеристики на населението не може да се извлечат правилни заклучоци.

Во пописот од 2021 година се јавува категорија на луѓе во графата НЕПОЗНАТО во рамки на вкупното работоспособно население. Тоа значи дека овие 39.048 лица во НЕПОЗНАТО, неможат да се категоризираат ниту во вработени, ниту во невработени, ниту во неактивни. Овие 39.048 немаат никаков економски статус!

Ова ги прави добиените податоци од пописот силно дискутабилни.

За дваесет години вкупното работоспособно население (над 15 години и повеќе) е намалено за 51.635 лица, при намалување на активносто население за 25.907 лица (вработени + невработени) и неактивното население за 64.774 лица (лица кои не бараат работа, студенти, демотивирани невработени и пензионери), НО и при вкалкулиран раст на непознатите 39.048 лица.

И сега некој нека ја објасни оваа ситуација!

Да потсетам, според пописот вупното резидентно население во Македонија од 2002 година до 2021 година е намалено за 185.834 лица.

По старосни групи, поинтензивно намалување имаме кај лицата на возраст од 0-14 години за 114.933 лица (тие не влегуваат во работоспособно население), потоа на лицата од 15-79 години за 98.866 лица (тие влегуваат во работоспособно населените), додека пак лицата над 80 години се зголеми за 29.168.

Во пописот има уште една фалинка, постојат 1.203 лица во непознато – во однос на тоа колку години имаат. Според ова, би требало да имаме поголемо намалување на работоспособното население, но немаме.

Со заддршка на податоците, последниот попис покажа дека за дваесет години имаме намалување на работоспособното население, изчезнуваме како нација, при ниска стапка на наталитет и силно иселување на младите.

Позитивите реформи на пазарот на труд од претходите периоди доведоа до намалување на невработените за 173.883 лица и зголемување на вработените за 147.976 лица. Стапката на невработеност од 38,1% со пописот 2002 година за дваесет години се сведе на 15,2% со пописот во 2021 година. Но, стапката на активност според двата пописа е околу 47%, што е значајно пониска од она што го оценува Анкетата за работна сила (АРС со Кв.1 2022 година изнесува 55,3%).

Корекцијата на работоспособното население (вкупно 1.464.349) со последната објава на АРС е значајно пониска од она што се доби како податок со пописот. И прашањето е: на кого да веруваме? На пописот или на АРС, од иста институција се?

Авторката е екс вице-гувернерка на НБРМ, предавач на Американ Колеџ и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ