Четири милиони евра им нудела Владата на фирми за да не биде тужена пред Европскиот суд за човекови права, дознава Фактор.
Во заклучокот на владината седница на 10 мај пишува дека преку владин агент до Стразбур бил поднесен предлог за 16 случаи. Во оваа сума покрај материјалната, е наведена и нематеријална штета и трошоци.
Од оваа сума , најголемо побарување има Каргомакс ДООЕЛ Миладиновци Илинден. Фирмата која увезува автобуси и камиони под брендот Iveco треба да прифати понуда од 110.205.789 денари за да се повлече од меѓународната тужба.
Меѓу останатите компании на кои им се нуди обештетување има голем број осигурителни компании, а таму е и градежниот гигант Гранит на кого му се нудат 12.320.936 денари.
Има и субјекти кои се анонимни за јавноста како Технокар Сашо ДООЕЛ Скопје со износ од 11.236.771 денари и ЈСАРГО ДООЕЛ Скопје со износ од 12.824.304 денари.
„Државата на апликантите ќе им исплати вкупно 245.923.616,00 денари или износите наведени подолу соодветно, кои ги покриваат сите побарувања кои се предмет на спогодување по основ на материјална штета, нематеријална штета и трошоци, под услов апликантите да се откажат од било какви дополнителни побарувања од државата или доверителите (државни субјекти)…“, пишува во владиниот записник.
