Нивото на Преспанското езеро е најниско од 1917 година па наваму, практично откако постојат мерењата. Последиците од оваа состојба врз биодиверзитетот и квалитетот на водата се катастрофални, а би можеле да се предизвикаат и неповратни штети.
Ова, меѓу другото, стои во информацијата за Преспанското езеро која ја подготвиле тројца пратеници од владејачкото мнозинство, односно Бети Рабаџиевска Наумовска и Ненад Коциќ од СДСМ и Кастриот Реџепи од движењето БЕСА.
Тие бараат оваа информација да биде ставена како точка на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, пренесува Фактор.
Народните избраници предлагаат и серија од мерки, кои, според нив, под итно треба да бидат преземени, со цел неповолната состојба колку што е можно повеќе да се ублажи, иако се признава дека сето тоа ќе чини пари.
Пратеничката Бети Рабаџиовска Наумовска за Фактор вели дека информацијата ја подготвиле со цел за Преспанското езеро да се иницира расправа во Парламентот и што поскоро да се бара решение.