Од ОУ „Кирил и Методиј“ во Скопје демантираат дека домашната задача „Рецепт за среќно семејство“ наменета за првачињата која предизвика бурни реакции во јавноста, е – геј пропаганда.
Мајка на Фејсбук реагира што учи нејзиното прваче
Зад веста која беше објавена во медиумите откако на социјалните мрежи ја сподели мајка на прваче од тоа школо велат дека „се крие малициозна тенденција за искривување на фактичката состојба во нашето училиште“, објави „Фактор“.
„Одговорно тврдиме дека ова не е точно и ја демантираме во целост оваа злонамерна конструкција против нашето училиште.
… Станува збор за стандардна методска единица Мојот дом и семејство според наставната програма за прво одделение. На фотографијата која ни ја доставивте е наставен лист, како завршна активност од часот и не соодвествува со целокупниот тек на часот…
А целите на часот се улоги и одговорности во домот (грижа, возрасни ,задолженија, одговорност и хигиена), покрај дискусија на прашања-мојот дом моето семејство, видови семејства (потесно и пошироко семејство, еднородителски семејства, старателско и згрижувачко семејство). Во објавената слика, односно завршна активност од часот, се претставени татко со синови и мајка со ќерка (еден пример на еднородителско семејство и пример на згрижувачко семејство) кое е извадено од контекст и крајно надвор од здраворазумие, велат од училиштето“, вели за Фактор директорката, Соња Кирковска.
Од Министерството за образование за „Фактор“ велат дека содржината која е реализирана во ОУ „Кирил и Методиј“ не е застапена во соодветната наставна програма за прво одделение.
„Наставниците индивидуално или на ниво на колектив одлучуваат за формите и методите што ќе ги применат со цел ефикасна реализација на наставните содржини и достигнување на стандардите за постигањата на учениците.
Во конкретниот случај, согласно информациите од училиштето, станува збор за наставен лист кој наставничката сама го споделила со учениците по наставниот предмет општество, без да обрне внимание на илустрацијата, но и без намера за каква било пропаганда“, соопштија од МОН за Фактор.
