Повредениот затворски полицаец, И.Х. кој настрада синоќа при грабнувањето на затвореникот М.Б. кој во „Идризово“ одлежува 20 годишна затвиорска казна има прострелни рани и итно е пренесен на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ, каде што се сместуваат пациенти во најтешка здравствена состојба.
Ранетиот полицаец од затворот Идризово првично бил примен во старата градска болница, каде според информациите на Канал 5 ТВ било констатирано дека има прострелна рана во долниот дел на стомакот, а заради дополнителни испитувања бил пренесен на КАРИЛ во државната клиника.
„Фактор“ објавува дека и покрај обидите да се добие информација од КАРИЛ за здравствената состојба на ранетиот полицаец , директорката Маја Мојсова Мијовска, одговорила – „нема изјава“.
Не е позната ни тежината на повредите особено поради наводите на некои медиуми дека има прострелни рани во ногата, но дека му било пукано и во бешиката…
Полицаецот И. Х. настрадал во момент кога полициското комбе било запрено од „ауди“ без регистарски таблички и откако затвореникот М.Б. насилно му го одземел пиштолот и најверојатно стрелал во него, по што побегнал од местото на настанот во споменатото ауди.
