Преку „Турски тек“ Москва и Анкара добиваат пристап до дел од енергетската сигурност во кревкиот свет на малите земји во Југоисточна Европа, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг по вчерашниот свечен старт на гасоводот кој под Црното Море ќе доставува гас до Турција.

Ова не е ништо ново, потсетува ФАЦ, бидејќи преку гасоводот „Синиот тек“, кој исто така е под Црното Море, уште од 3003 година се снабдува растечкиот турски пазар.


„Но, „Турски тек“, новата линија, не само што има скоро два пати поголем капацитет, туку е и политички поамбициозен.

Еден гкрак од гасоводот преминува во Бугарија и од таму кон Србија, Унгарија и во босанската Република Српска. Исто така, заинтересирани се и Атина и Скопје.

Во изолација и на краток рок, врската со „Турски тек“ може да биде поволна за земјите во регионот, оценува авторот на анализата и додава:

„Ова не е смирувачка перспектива за ЕУ. Нејзиното влијание е намалено затоа што изгледите за членство во ЕУ не се повеќе веродостојни по француското вето од минатата година за пристапните преговори со Албанија и Македонија.

Доколку ЕУ, Берлин и Париз не играат поактивна улога, тие ќе продолжат да заостануваат во Југоисточна Европа.

Извор: БГНЕС