„И онака малите шанси дека посетата на (Олфа) Шолц ќе донесе одржлив компромис во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, сега се уште помали“, оценува германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во пресрет на посетата на канцеларот Олаф Шолц на Скопје и Софија,пренесува Дојче веле
Веникот потсетува дека пред два дена, се распадна четирипартиската коалиција на бугарскиот премиер Кирил Петков, откако шоуменот Слави Трифонов ги повлече своите министри од владата.
Една од причините за знапуштање на владата, според Трифонов, е и „националното предавство“ кое го прави Петков во обид да го тргне ветото за Северна Македонија.
„Трифонов ја застапува националистичката линија во Бугарија во однос на Северна Македонија. Според неа, врз основа на бугарско-македонскиот договор за пријателство од 2017 година, кој не само во Скопје се смета за изнудувачки, Македонците мора да признаат дека воопшто не постојат како народ и дека нивниот јазик потекнува од бугарскиот. Тоа не е наведено буквално така во договорот, но натаму одат барањата на Софија“, пишува ФАЦ.
Надежите дека добронамерните сили во Софија ќе го решат спорот и онака беа авантуристички, затоа што од Скопје се бара нешто што е тешко да се исполни: македонската влада треба да го смени Уставот со двотретинско мнозинство за да го вметне бугарското малцинство во него како конститутивен народ.
Дополнително, треба да се направат и други отстапки во компоненти од македонскиот идентитет за кои воопшто не може да се преговара.
(…) Скопје и онака веќе има лошо искуство со измени на Уставот заради нејасната „европска перспектива”.
Поранешниот премиер Зоран Заев, со огромен политички ризик, изврши промена на името во Северна Македонија.
За да се охрабрат Македонците на овој чекор, во 2018 во Скопје допатува и канцеларката Ангела Меркел и индиректно го поддржа преименувањето. Грција потоа го отстрани ветото за трансатлантскиот пат на соседот.
Но, наместо да следува награда во форма на почеток на преговорите за членство во ЕУ, веднаш настапи Бугарија со ново вето.
