Прашањата што портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ
Наум Стоилковски за фабриката за електрични автомобили во Тетово која доби државна помош од 43 милиони евра откриваат дека власта по цела година од прославата за камен темелникот има само проект.

Според најавата за четири месеци од имагинарната фабрика треба да излезе првото возило но засега проектот е празна ливада.


Прашањата кои ги упатува Стоилковски откриваат и дека бизнисменот Љазим Дестани кој од владата чека 42 милиони евра за фабриката за електрични возила а иако не ги спровел ветувањата за овој проект во меѓувреме од Владата добил концесија за рудниците на смртта во струмичко.

Сите прашања на Стоилковски:

ДУИ и СДС денеска мора да одговорат каде е фабриката за електрични автомобили, откако пред точно една година направија прескапа прослава за наводен камен темелник во ТИРЗ Тетово?

Да потсетам, на 13 август лани цела влада на ДУИ и СДС организираа скапа манифестација за отпочнување на градба на фабрика за електрични автомобили, со тоа што во 2024 година требаше да се возат првите коли на струја од Тетово. Димитар Ковачевски порача дека ќе се отворат 890 добро платени работни места, а по тие изјави да се налепија бројки од 3000-4000 поврзани вработувања во ТИРЗ Тетово.

По цела година наместо фабрика има ливада која не е ни искосена. Очекуваме и по овој прес ДУИ и СДС, Крешник Бектеши од позиција министер за економија и Јован Деспотовски од позиција Директор на ТИРЗ, повторно да тврдат дека сè тече според планот и дека изградабата на фабриката ќе почне наскоро.

Но, почитувани и Бектеши и Деспотовски, и ДУИ и СДС, мора да одговорат:

Каде е фабриката за електрични автомобили која доби и државна помош во износ од 43 милиони евра?

Ако фабриката ја нема, каде завршија околу 43 милиони евра од државната помош?

Колку чинеше прославата за лагата почеток на градба, дали и за тоа пари зема омилената Арберија?

Ќе признаат ли ДУИ и СДС дека фабрика за автомобили е уште една лага поврзана со ДУИ и фирми спонзори на ДУИ?

Ќе признаат ли ДУИ и СДС дека фабрика за автомобили нема да има? Дали државата ќе го раскине договорот со фирмата блиска на ДУИ?

И секако, како по цела година празна нива наместо фабрика, Дестани од владата доби концесии за рудникот Иловица?

На прашањата на Стоилковски одговори Јован Деспотовски директор на владината институција Технолошко инвестициски развојни зони кој на четири месеци пред најавеното излегување на првото електрично возило признава дека нема фабрика но дека има проект за неа.

Деспотовски не кажува како за 4 месеци ќе го спроведе верувањето за прво произведено возило но обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ креирало слика за неуспех по што опозицијата се радувала на неуспехот.

„Во овој момент, сѐ уште нема фабрика, но, има проект, има конзорциум на домашни компании кои се избрани од инвеститорот да го реаизираат градежниот дел, има договор за закуп на земјиште, има подготовка за градба на клучна инфраструктура кон зоната.

Но, и без овие работи, навистина не сметам дека ова е причина за задоволство, па макар доаѓало и од нашите политички опоненти. Ефектите од оваа, како и од останатите инвестиции се за сите граѓани на оваа држава. Затоа навистина е, коректно кажано, несоодветно е самите да креираме слика за неуспеси, а притоа и да се радуваме”, вели Деспотовски кој се фали дека давал информација на сите што побарале но не одговара на прашањата на Стоилковски.

На одговорот на Деспотовски реагира Стоилковски кој бара оставка од директорот на ТИРЗ.

,,Ливадата со нарасната трева наместо фабрика е единствениот проект од Зелената агенда на ДУИ и нивната експозитура СДС!
Фабрика за производство на електрични автомобили во Тетово нема! Да не беа трагични, смешни ќе беа зборовите на Деспотовски и Ковачевски пред една година но и во текот на цела година поврзани за фабриката која не постои!
По цела година лаги дека се тече според план и дека фабрика ќе има, а според најавите за четири месеци од денеска требаше и електрични автомобили да се возат, по најавите дека цели 43 милиони евра помош од буџетот следат за фабриката, по лагите за 900, а можеби и 3-4.000 нови вработени, одговорноста е директно кај Деспотовски.
И почитувани, по цела година празна нива, продолжуваат лагите за фабрика за автомобили во Тетово!
Ламентирањата на Деспотовски дека имало план и имало конзорциум, не го менуваат фактот дека фабрика нема!
За да биде појасно, во Македонија може да има и конзорциум со план за вселенски истражувања, но тоа не го менува фактот дека ниту сме сила, ниту дека имаме ракета, но можеби Деспотовски ќе смета дека сме го освоиле Марс!
Во бизнисот, времето е пари, загубена една цела година, за фабрика, за електрични автомобили е сериозен показател дека станува збор за голема лага.
Лага испорачана од владата, од ДУИ, од СДС, и од Јован Деспотовски којшто глумеше домаќин на прославата за наводен камен темелник за фабрика!
И затоа, најмалку што е потребно и очекувано, е оставка од морални причини од Јован Деспотовски од позиција Директор на ТИРЗ”, стои во реакцијата на Стоилковски.

Дали има врска меѓу 43 милиони евра кои владата му ги ветила на Дестани близок на ДУИ за овој проект и неговото влегување во рудниците на смртта Деспотовски и власта засега не коментираат.

Вообичаено кога некој инвеститор се покажал како несериозен како во случајот со фабриката за електрични возила владата не смее да помисли да даде дозвола за негов влез во друг проект.