Европски стандарди: само новинарот Чилиманов казнет за навредлив пост

Дисциплинската комисија на државната информативна агенција (МИА) го суспендираше новинарот Цветин Чилиманов од неговото работно место поради реплика на „Твитер“.

Новинарот е суспендиран поради реплика на социјалната мрежа „Твитер“пред два дена, кога цитираше статус на дописничката на „Фајненшл Тајмс“, Валери Хопкинс, во кој им порача на сите таксисти кои го следат, ако им влезе новинарката во кола да бидат со неа како ликот чичко Кумплунг од култниот македонски филм „Самоуништување“ (твитот веќе не може да се најде).

Твитот на Чилиманов навистина не беше коректен, но ова општество го толерира неговиот колега Бранко Тричковски, кој со години на социјалните мрежи навредува, псуе, па дури и повикува на атентати.

И не требале да одат надвор од агенцијата – претседателот на Надзорниот одбор на МИА, Зоран Иванов, исто така новинар, во истиот период со Чилиманов објави твит во кој бара да се остават на страна законите и „сите да се фатат за уши и да се одвлечкаат со сила на гласање „ЗА“.

Чилиманов сега има рок од три дена да се изјасни во врска со суспензијата, за потоа, откако ќе ги сослуша неговите аргументи, комисијата ќе достави предлог до директорот на МИА, кој треба да реши дали Чилиманов ќе добие отказ од работното место, ќе биде казнет, или нема да сноси последици.