Ниските даночни стапки не се причина за помалите приходи во БДП на Македонија споредено со ЕУ, оценуваат експерти. Главниот проблем е сивата економија која доколку се сузбие, Македонија ќе биде на ниво на Вишеградската група. Не може да имаме европски даноци со највисока корупција, најниски плати, лоша инфраструктура…

Ако Македонија се справи со сивата економија, тогаш ќе прибира даноци на ниво на земји членки на Европската унија. Учеството на даночните приходи во Бруто домашниот производ на земјава (БДП) во моментов е многу пониско за разлика во земјите од ЕУ, а причината, според експертите е една – високото ниво на сива економија.

Министерот за финансии Фатмир Бесими деновиве најави нова даночна реформа и рече дека државата треба да ги зголеми даноците поради тоа што има најмало даночно остварување во споредба со земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Тој вели дека во 2008 година 38 отсто од БДП во ЕУ одело за даноци, а во Македонија 10 процентни поени помалку. Сега тој јаз е уште поголем и изнесува 13,8 процентни поени.

Но, како Македонија да ја зголеми наплатата на даноци како што е во земјите на ЕУ кога истовремено се соочува со висока корупција, најниски плати во Еворпа, високо загадување, лоша инфраструктура, катастрофално здравство и образование…

Благица Петрески – извршна директорка на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ вели дека ниските даночни стапки не се причина за помалите даночни приходи во БДП.

Тоа е пред сè е заради сивата економија, вели таа, посочувајќи дека доколку овие даночни приходи се стават во сооднос на формалниот дел на БДП, тие ќе стигнат до 40 проценти.

„На таков начин ние сме на слично ниво како земјите од Вишеградската група“, вели Петрески во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Линк до целиот текст.