Лидерите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија во саботата потпишаа договор за изградба на подводен електричен кабел под Црното Море, кој ќе ја испорачува азербејџанската зелена енергија во Европа, објави Ројтерс.

Романскиот претседател Клаус Јоханис го нарече проектот „клучен“ и „амбициозен“.


Речиси 1.200 километри долгиот кабел ќе пренесува електрична енергија од Азербејџан и Грузија до Романија и Унгарија.

Проектот треба да биде завршен во рок од шест години. Проектот е дел од напорите на Европската унија да ја намали зависноста од руската енергија.

„Во контекст на актуелната безбедносна ситуација, обележана со воена агресија против Украина, треба подобро да соработуваме и да покажеме поголема солидарност за да ги ублажиме заедничките предизвици“, рече Јоханис.

На средбата присуствуваше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.