Веќе шести ден екипи на ЕВН не можат да поправат дефект на извод на дистрибутивната мрежа во село Арачиново бидејќи тројца мештани не им дозволуваат да работат. Поради нивното нехумано однесување, 160 жители се без струја.
Тие им се познати и на ЕВН и на општината поради бројните злоупотреби и кражби на електрична енергија. Сите ги знаат А.Ќ., Р.С. и Д.Н., но никој ништо не им може.
Екипите на ЕВН секој ден чекаат на интервенција на МВР каде што бил пријавен овој случај.
ЕВН не смее во Слупчане: 80% од струјата се краде, другото ретко се плаќа
И во кумановското село Слупчане екипите на ЕВН имаат проблем да ја реконструираат и модернизираат мрежата. Повеќе од 200 селани вчера се собрале на влезот од селото и не им дозволувале влез на екипите на ЕВН да работат.
ЕВН очекува интервенција од МВР за да може да ја завршат реконструкцијата на мрежата неопходна за да се овозможи точно мерење на потрошената електрична енергија на корисниците во селото.
„Сѐ додека корисниците не дозволуваат да се работи, ќе се соочуваат со прекини во снабдувањето и сериозни дефекти како резултат на контуинирани кражби и злоупотреби во мрежата. Дефектите ќе се отстрануваат само доколку се создадат нормални услови за работа”, информираат од ЕВН за МКД.Мк.
