Еуроникел Индустри (Фени) побара субвенционирање од страна на државата на трошоците за електрична енергија за повторно да ја вклучи печката, бара најголемиот потрошувач на струја во земјата.
„Со натомошна ескалација на пазарот на струја во месец јули 2022 година, застанавме со производството и во изминатите три месеци преземавме бројни неопходни ремонтни активности, а веќе во средината на септември, започнавме и со принуден платен одмор на работниците. Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес. Во меѓувреме, преземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот“, се вели во соопштението на капацитетот од Кавадарци.
Во меѓувреме компанијата тврди дека и натаму ќе продолжи да работи на полето на енергетската независност.
„Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална поддршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе предвид дека Еуроникел е еден од најголемите работодавачи, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ“, се додава во информацијата за јавност.