Бриселскиот портал Еуроактив пренесува дека за некои набљудувачи, холандската блокада за влезот на Бугарија во Шенген системот е ехо на блокадата на Софија за европската интеграција на Македонија во врска со несогласувањата за заедничкиот јазик, историја и правата на малцинствата.
Ова според порталот предизвика револт меѓу земјите-членки на ЕУ и балканските земји, како што е Албанија, кои рекоа дека Бугарија „ја држи во заложништво“, како земја која е и членка на НАТО.
Бугарија предходно најави дека ќе го прифати приемот на Македонија само ако Скопје го измени својот устав, нешто што владејачката партија СДСМ нема доволно гласови да го донесе.
Бугарскиот министер за правда Крум Зарков во интервју за EURACTIV признава дека и Холанѓаните можат да предизвикаат антиевропски чувства во Бугарија.
„Разочарувањето природно го поттикнува евроскептицизмот. Особено кога тоа е толку очигледно неправедно. Европа во Бугарија е поврзана со барањата да се воспостави владеење на правото, што, меѓу другото, значи да се управува со правила. Бугарија ги исполни условите за Шенген и се стекна со право да биде дел од заедничкиот простор за патување пред повеќе од десет години“, коментира Зарков.
Отфрлањето на Бугарија и Романија уште еднаш е спротивно на правилата и создава легитимно чувство за примена на двоен стандард, рече тој.
„Нема многу општества, вклучително и бугарското, кои можат мирно да прифатат дека нивната држава ги исполнува сите свои обврски, но граѓаните не можат целосно да ги искористат своите права“, коментира тој ексклузивно за EURACTIV Бугарија.
На 18 октомври, Европскиот парламент го издаде својот трет апел во последните четири години за брз прием на Бугарија и Романија во Шенген.
Во меѓувреме, гласовите пријателски на Кремљ добиваат на сила во Бугарија, бидејќи во Софија продолжува да беснее продолжена политичка нестабилност, а петтите општи избори во две години изгледаат сè поверојатни.
Поранешниот премиер Бојко Борисов, во земја каде што речиси половина од населението има силни проруски чувства, сега му е тешко да го продаде својот предлог за коалиција против Путин, бидејќи партиите се загрижени поради лошите резултати на неговата партија во однос на корупцијата.
Неговата партија ГЕРБ победи со нешто повеќе од 25 отсто од гласовите, но се најде политички изолирана бидејќи пратениците на двете партии кои би ја поддржале – ДПС и „Бугарски подем“ – не се доволни за формирање влада.
Во меѓувреме, проруската радикална партија Вазраждане ги подобри своите перформанси со тоа што се најде на четвртото место со околу 10 отсто од гласовите минатиот месец и доби 14 дополнителни места на вкупно 27 од 240 мандати во законодавниот дом. Партијата работи на повлекување на Бугарија од НАТО и ЕУ.