Подготвивме пакет со поддршка за целиот Западен Балкан за справување со енергетската криза, соопшти на вечерашната прес-конференција претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Започнуваме со грантови. 80 милиони евра во грантови за Северна Македонија, како итна буџетска поддршка. Тоа ќе помогне во справувањето со високата цена на енергенсите за вашите граѓани и компании. Ова ќе го финализираме до крајот на годината, за вие да ги добиете средствата веќе во јануари. Секако, ќе дојдат и повеќе средства. На пример, има 500 милиони евра во грантови за целиот регион за инвестирање во тоа што е неопходно сега за да ја добиеме својата независност. За инвестирање во енергетска поврзаност, за инвестирање во енергетската ефикасност и секако за инвестирање во обновливата енергија – изјави Фон дер Лајен.