ЕУ пред можна криза, Македонија без алтернатива – пишува Свето Тоевски

Во анализа со наслов “Европската Комисија има сценарио за можна дезинтеграција на ЕУ – Владата нема алтернатива за ЕУ” Свето Тоевски пренесува анализи на врвни светски научни институции кои разгледуваат различни аспекти на предизвиците со кои се соочува Европската Унија:

ВМРО ДПМНЕ поднесе во Парламентот на Македонија своја Резолуција, со која ги определува „црвените линии“ во натамошните преговори со Бугарија.


Додека ВМРО ДПМНЕ очекува СДСМ, ДУИ и другите партии да се изјаснат и да ја усвојат таа Резолуција за евроинтеграцискиот пат на државата и „црвените линии“ во однос на националните прашања, Владата очекува од вонредните парламентарни избори во Бугарија да се формираат функционални институции, со кои ќе ги продолжи разговорите за остранување на македонските евроинтеграции.

„Очекуваме функционален парламент и политичка влада во Софија за добивање ‘зелено светло’, односно за одблокирање на с.Македонија на нашиот пат кон Европската Унија“ – изјави премиерот Заев.

Што се случува во самата Европска Унија, во врска со која македонските политичари како хипнотизирани катадневно велат едно исто „Нема алтернатива за ЕУ!“ и „Дајте ни датум за почеток на преговори!“?
Центарот за геополитика на Универзитетот во Кембриџ, во Англија, еден од најугледните светски универзитети, на својата веб – страница пишува: „Политичките структури во Европа се под зголемен стрес и се изложени на ризик од распаѓање. Продлабочувањето на кризата во Европската унија, слабеењето на НАТО и бранот предизвици пред кои се наоѓа Советот на Европа ги загрозуваат колективните институции на континентот.“

Согледувајќи ја постојната ситуација со „архитектурата“ на ЕУ, овој Универзитет дури покренува нов академски модул, нова студиска програма под наслов „Студии за дезинтеграцијата“ со „детална истражувачка програма, со насоченост првично врз Балканот, за да се промовира размената на идеи во врска со прашањето на дезинтеграцијата во современа Европа, што ќе води кон подобро разбирање на оваа појава и кон практично влијание врз владините политики.“

Во воведот кон „Палгрејв прирачникот за ЕУ – кризите“ Маријане Ридерволд, Јарле Трондал и Акасеми Њусом истакнуваат: „…популистичките партии и чувствата против ЕУ ги мобилизираа луѓето ширум континентот… Случајот со брегзитот (излегувањето на Велика Британија од ЕУ) покажува дека Европа можеби се наоѓа во фаза на забрзување на турбуленциите и на кризите, што предизвика ‘институционална потрага по душата’ во мнозинството на држави – членки и внатре во самите институции на Европската Унија.“

Во студијата овие тројца експерти за евроинтеграции и за меѓународни односи посочуваат дека Европската Комисија веќе има изготвено своја така наречена „Бела книга“ во врска со иднината на ЕУ, во која можноста за распад на Унијата е разгледана како едно од пет можни сценарија за иднината на ЕУ по 2025 година: „Белата книга’ на Европската комисија покажува како кризите ги покренуваат расправите, кои завлегуваат до суштината на прашањето како ЕУ би требала да реагира и како треба да се развива во иднината. ‘Белата книга’ воспостави пет сценарија за ЕУ по 2025 година, почнувајќи од дезинтеграцијата (уривачко сценарио) до повеќе колективни дејства на ЕУ.“

Предупредувајќи во својата студија „Колапс: Европа по Европската Унија“ дека „постоењето на ЕУ е далеку од безбедно и ако таа би колабирала, тогаш тоа би отворило врата за економски, политички и геополитички кошмар“, Ханс Волард дополнува: „Ароганцијата и самозадоволството со кои некои членови на европската владејачка елита ги отфрлаат ваквите наводи не треба да утешат никого. Мнозина од овие политичари не ја видоа последната криза како доаѓа и тие катастрофално погрешно управуваа кога се случи. Нивните колективни расудувања не заслужуваат почит. Вистинската опасност за Европа не доаѓа од предупредувањето дека опасноста сè уште претстои, туку од оние кои веруваат дека опасноста поминала.

Судбината на континентот виси на конец.“
Значи, во ситуација кога во последниве неколку години во анализите и студиите на мнозина европски и светски експерти во поглед на сегашноста и особено иднината на ЕУ се позачестено и се позасилено се изнесуваат драматични оценки од типот „опасност од дезинтеграција“, „колапс“, „криза“ на Унијата и слично, што може да се каже во врска со македонските преговори со ЕУ, кои никако да почнат ниту по 16 години минати во европската чекалница и со многу препораки, од кои нема никаква полза? Зарем некој навистина верува дека „северна“ може да влезе кога било во Европската Унија, дека Грција и Бугарија ќе го дозволат тоа, кога веќе во раце имаат „добрососедски договори“ со „мал милион“ можности за вета и блокади, ако не добијат целосна сопственичка тапија за македонската историја, името Македонија, за идентитетот? Штом ЕУ е во „институционална потрага по својата душа“, зарем не би требало и Македонија првин повторно да си ја поврати својата „македонска душа“, па потоа да мисли дали ќе продолжи да се стреми да влегува во ваквата Европска Унија, или ќе чека првин таа да се преобрази во „Европа на нациите“, секоја по свој суверенитет и национален идентитет и јазик?

ЕУ веќе страда од „замор од проширувањето“, на пример, последната извршена сондажа на јавното мислење на граѓаните во Франција покажа дека само 25 проценти од нив се согласуваат ЕУ да се проширува натаму.

Во интервју за српскиот дневник „Новости“ во средината на годинашниов јуни француската политичарка Марин Лепен, претседателката на десничарската националистичка партија „Национално собирање“ и еден од главните противници на претседателот Емануел Макрон на наредните претседателски избори во Франција, укажа на „трендот во светот и во ЕУ, па и во Франција, да се нарушува, да се поткопува авторитетот на државата“, и дека „со оглед на тоталитарните ексцеси во функционирањето на Унијата, Србија нема интерес да се интегрира во ЕУ“. „Поддршката на ЕУ на иредентизмот има за цел да ги ослаби нациите така што ќе ги растури.“ – кажа Лепен во тоа интервју.

Најновиот удар врз внатрешно силно разнишаната „архитектура“ на ЕУ доаѓа од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е во силен судир со еврократите од Брисел. Владата на Унгарија објави во најтиражниот германски дневник „Билд“ и неколку други европски медиуми оглас под наслов „За иднината на ЕУ – унгарски предлози“.

Меѓу другото, во огласот се нагласува: „Во Брисел градат ‘супердржава’, за која никој не им дал овластување. Ние му велиме ‘не’ на ‘европското царство’. Одлуките ги донесуваат избраните водачи, а не меѓународни невладини организации. Мора да се врати европската демократија, бидејќи Европскиот парламент се покажа како ‘слепа улица’и тој ги застапува исклучиво сопствените идеолошки и институционални интереси. Би требало да се зголемат улогите на националните парламенти.“

Европската Унија практично нема да прима нови членови најмалку десет до петнаесет години, се додека не се консолидира самата внатрешно, при што е прашање и дали ќе успее во тоа. Во меѓувреме, „преговорите“ со Македонија и другите земји – кандидатки, кои претставуваат само „дробење“ и приграбување на внатрешните и надворешните суверенитети и на тие држави, ако и воопшто некогаш започнат, ќе претставуваат само „празна политичка козметика“ дека, ете, „европскиот сон“ и натаму е, божем, жив и достапен. Сево ова му е од поодамна јасно на народот, ама не и на политичарите.

Свето Тоевски е долгогодишен новинар и независен социоекономски и политички аналитичар, магистер по политички науки и самостоен истражувач во политичките науки и лингвистиката и македонистиката.