Иако во Декларацијата што вчера (13.12) ја усвоија лидерите на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел не се спомнува Македонија, од земјава се очекува спроведување на „Преспанскиот“ со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија.
„Спроведувањето на билатералните договори со добра волја и конкретни резултати останува значајно, вклучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи (…)
ЕУ исто така ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците и еднаквиот третман на припадниците на малцинства“, се вели во овој дел од Декларацијата, пренесе Дојче веле.
Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, заклучија лидерите на самитот ЕУ-Западен Балкан, кои ја реафирмираа европската перспектива на регионот.
Тие ја нагласија и потребата за одржливи реформи, поткрепени со вредностите и принципите на ЕУ.