ЕУ ќе прими само уште три земји, дознава српски „Недељник“

Од сегашните 28 членки, а по излегувањето на Велика Британија наскоро, Европска унија ќе се прошири само уште со три земји и ќе има вкупно 30, пишува српски „Недељник“ во најновниот број.

„Србија и Црна Гора ја држат судбината во своите раце, доколку ги исполнат условите, Македонија е во подобра позиција од Албанија, а Косово и Босна и Херцеговина се надвор од приказната. Прекубројните ќе имаат односи со ЕУ кои ќе бидат повеќе од ССП (Спогодба за стабилизација и асоцијација), но и помалку од членство“, се вели во анализата на последиците од францускиот „нон-пејпер“.

„Црна Гора и Србија ќе мораат да направат епохални поместувања, кои од актуелната перспектива изгледаат неизводливо: заминување на клептократскиот режим од власт во Црна Гора и потпишување правно обврзувачка спогодба меѓу Белград и Приштина и нејзина имплементација. Распоредот на силите внатре во Европска унија по прашањето за проширувањето на ЕУ е сè понеповолен за државите што имаат амбиции да станат членки, со тенеденција да станат полоши“, дознава „Недељник“ од Брисел и од Париз.

„Босна и Херцеговина и Косово нема да влезат во ЕУ во нашиот век. Не поради тоа што некој има предрасуди од кој било вид, туку бидејќи за БиХ , покрај сите останати проблеми, непремостлива пречка е Дејтонскиот договор, а за Косово тоа што не го признаваат пет членки на ЕУ“, вели извор од ЕУ за „Недељник“.