Европското јавно обвинителство (ЕППО) од вчера во Софија врши истрага за можна злоупотреба на фондовите на ЕУ за обновување на историскиот центар на градот, вклучувајќи го и еден од белезите на бугарската престолнина – жолтата калдрма.

Наводите во рамките на оваа истрага, со кодно име „Пат од жолта тула“, се однесуваат на лошо управување со средствата доделени на градската општина во Софија за реновирање на стариот центар на градот, кофинансиран од Европскиот фонд за регионален развој (ЕРДФ), како и за можна корупција со проценета штета од најмалку 3 милиони евра.

ЕППО ја отвори истрагата „по службена должност“ во есента 2022 година, врз основа на медиумски извештаи. Обвинителството на ЕУ ги „чешла“ склучените договори меѓу општината на бугарскиот главен град и две комерцијални компании, по постапките за јавни набавки.

Според истрагата, првиот договор бил потпишан во 2018 година за реставрација на централното подрачје на Софија, вклучувајќи ги булеварот „Цар Освободител“ и плоштадот „Народно сабрание“. Сепак, две години подоцна, во 2020 година, откога веќе беа извршени голем број исплати, договорот беше спогодбено раскинат. Како причина е наведено непочитувањето на условите од договорот и инвестицискиот проект. Беше забележано и дека градежните активности може потенцијално да го оштетат Централниот воен клуб во Софија, изграден во 1907 година, кој има историска вредност. И покрај ова, околу 3 милиони евра (6 милиони лева) му беа исплатени на изведувачот, без да бидат наплатени пенали.

По раскинувањето на овој договор, општината склучи нов договор со нов изведувач, под истите услови. Новиот изведувач побара аванс од приближно 750.000 евра (1,5 милиони лева) за обновување на вековните жолти поплочни блокови во центарот на градот, кои се заштитени со Законот за културно наследство на Бугарија. Оваа сума засега не е исплатена, во очекување на испитување на состојбата.

Меѓутоа, техничката експертиза побарана од бугарското Министерство за регионален раст и развој утврди дека калдрмата е лошо поставена, а има и испукани гранитни плочки. Лошиот квалитет на рехабилитациските работи на славната калдрма, која датира од 1908 година, заедно со недостигот на проверки од градската општина, потенцијално би можеле да генерираат дополнителни трошоци, се вели во финансиските документи доставени до ЕППО.

Според истрагата, од страна на изведувачите биле доставени фалсификувани документи со невистинити податоци, со кои се потврдува дека работите се извршени согласно спецификациите, со што дошло до ненавремено плаќање.

Претресите и истражните мерки ги врши бугарскиот Генерален директорат за борба против организираниот криминал (ГДБОП) на пет локации. Полицијата за потребите на истрагата бара одземање на документација и електронски докази поврзани со реализацијата на проектот.