Курти „не е подготвен да продолжи напред“ со создавање на асоцијација на општини со мнозинско српско население, што ќе им даде поголема автономија, на што Приштина се обврза во 2013 година за време на разговорите со Белград со посредство на ЕУ.
Ова го изјави високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, кој го обвини Косово дека не го исполнил договорот со Србија за нормализирање на односите меѓу двете земји, пренесува Ројтерс.
Борел рече дека Курти инсистирал дека првиот чекор во спроведувањето на планот треба да биде „официјализирање на де факто признавањето“ на Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, но кое Белград сè уште го смета за своја покраина.
Борел рече дека им предложил на Курти и Вучиќ двата чекори – започнување на здружување на општините и де факто признавање на Косово – да се преземат „паралелно“. Вучиќ ја прифати понудата, но Курти ја одби, изјави Борел за новинарите.
Тој предупреди дека ќор-сокакот влијаел на аспирациите на балканските соседи да се приближат до ЕУ и да се приклучат на блокот еден ден.
„Без нормализација, нема да има европска иднина ниту за Косово, ниту за Србија“, рече тој.
Курти ја обвини ЕУ дека е пристрасна, велејќи дека блокот ја прифатил позицијата на Србија како своја.
„Условите на Србија станаа став на европскиот посредник (Мирослав) Лајчак, а за да се оди напред, тоа мора да се надмине“, рече Курти на новинарите.