Естонија подготвена да ѝ ги врати дезертерите на Украина

Естонија е подготвена, на барање на официјален Киев, да ги врати во Украина граѓаните на таа земја кои не одговориле на воениот повик, јавија естонските медиуми, повикувајќи се на изјавата на министерот за внатрешни работи Лаури Ланемет.

„Ако тоа ѝ треба на Украина, Естонија може да најде одредено лице и да ѝ го предаде. Генерално, знаеме каде живеат и што работат овие луѓе. Повеќето од нив имаат престој и работа во Естонија“, рече Ланемет.

Иако официјален Талин сè уште нема добиено такво барање од Киев, Министерството за внатрешни работи на Естонија постојано бара од украинскиот амбасадор и од министерот за внатрешни работи да побараат информации за украинските бегалци во Естонија во случај на потреба.

До јули годинава во Естонија беа регистрирани 47 илјади бегалци од Украина.