ЕСМ доби 4 милијарди денари од владата за да купи струја

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека од буџетот веќе се префрлени 4 милијарди денари, односно околу 65 милиони евра, на ЕСМ за обезбедување дополнителни количества електрична енергија, вклучително и балансна енергија.

Во интервју за МИА, Бесими вели дека состојбата се следи и оти очекувањата се дека ситуацијата на глобално ниво ќе се стабилизира најдоцна до средината на наредната година.

Дополнително, за заштита на најранливите категории, Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за економија се задолжени да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.

„Ваква мерка веќе се спроведува и имаме 45.622 корисници од ранливи категории кои добиваат 1000 денари додаток за покривање на трошоци за греење“, вели Бесими.

Македонија пред неколку дена прогласи кризна состојба во енергетиката за да може да се справи со недостигот на струја.