Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) ја позиционира Македонија на третото место меѓу десетте земји-аспиранти за членство во Европската унија според подготвеноста за пристапување во моментов, проценета врз основа на извештаите на Европската комисија за напредокот на секоја држава посебно.
Во поредокот на европскиот тинк-тенк, кој развива политички идеи за Југоисточна Европа, политиката за азил, човековите права и демократијата, Македонија има вкупно 66,5 поени за 33. поглавја и просечна оценка 2. Најмалата е 0 (рана фаза), потоа 1 (некое ниво на подготвеност), 2 (скромно подготвена), 3 (добро ниво на подготовка) и најголемата оценка е 4 (добар напредок).
Никој од аспирантите нема ниту една четворка. Македонија најдобро стои во пет области во кои има тројки, а најлошо во две оценети со нула.
Лидер меѓу претендентите за членство во ЕУ е Црна Гора со 70 поени и просечна оценка 2,1, а пред Македонија е само уште Србија со 67 поени и просечна оценка 2.
Четврта е Турција со 63 поени и просечна оценка 1,9, а значително заостануваат Албанија со 54 (1,6), Украина со 37 (1,2), Грузија со 35 (1,1), Косово со 26,5 (0,9), Молдавија со 23 (0,7) и Босна и Херцеговина со 22 (0,7) по тој редослед.