Турскиот претседател, веднаш реагираше на одлуките на Финска и Шведска да аплицираат за членство во НАТО, и ги повика сите членки на Северноатлантската алијанса да го почитуваат ставот на Турција, која е загрижена од влезот на тие две земји во НАТО.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за членство во НАТО

Турскиот претседател вели дека Турција секогаш ја поддржува алијансата, сојузничкиот дух, но дека не може да се согласи на секој предлог и не може да се согласи на сојуз со земји кои поддржуваат терористи кои ја загрозуваат безбедноста на Турција.

Тој повтори дека посетата на делегации на Финска и Шведска на Турција, најавена за понеделник, а со цел да се разговара за членството на тие две земји во НАТО, нема смисла и нема потреба од тоа.

Тој додаде дека Шведска не може да очекува Турција да го одобри нејзиното членство во НАТО додека не ги врати „терористите“.

„Побаравме да ни бидат екстрадирани 30 терористи, но тие не го направија тоа. Вие не ни екстрадирате терористи, а потоа очекувате да ве поддржиме за членство во НАТО. Алијансата е безбедносна организација, затоа нема да дозволи таа организација да биде лишена од безбедноста“, рекол Ердоган, пренесуваат медиуми.

Во мај Ердоган изјави дека Турција нема да може да го одобри влезот на Финска и Шведска во НАТО, додавајќи дека со нивниот влез Алијансата ќе стане место каде што ќе има многу претставници на терористите.
„Без навреда, но не можеме да кажеме „да““, рече тој тогаш.

Ердоган тврди дека двете нордиски земји дека покажале попустливост кон курдските бунтовници на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација.

Дополнително, Турција и замерува на Шведска дека ја прекинала продажбата на оружје за неа од 2019 година, како мерка на одмазда поради турската операција во северна Сирија.

Некои лидери на ЕУ изјавија дека се надеваат дека ќе го убедат Ердоган да се премисли.