Ердоган пред освојување на уште еден мандат!?

Денес се одржува вториот круг на претседателски избори, а сè укажува на тоа дека актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган (69) повторно ќе победи и ќе влезе во третата деценија на власт.

Иако анкетите пред првиот круг покажуваа дека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу ќе го спречи да освои трет мандат, се чини дека моќта ќе остане цврсто во рацете на Ердоган.


Анкетите пред вториот круг предвидуваат дека Ердоган ќе освои 52 до 55 отсто од гласовите.

Неколку недели пред првиот круг од парламентарните и претседателските избори на 14 мај, кои многу аналитичари го најавија како клучен во историјата на Турција, аналитичарите предвидоа дека со поддршка од разновидна, но обединета опозиција, Киличдароглу конечно ќе стави крај на две децении од владеењето на Ердоган .

Но, се покажа дека долговечниот турски лидер сè уште ужива поддршка од народот и покрај економската криза и високата инфлација во последните години, како и болните последици од разорниот февруарски земјотрес на југоистокот на земјата.

Ердоган во првиот круг освои 49,5 отсто, повеќе од очекуваното, но не доволно за победа во првиот круг од претседателските избори. Неговиот противник Киличдароглу освои пет процентни поени помалку.