„Шведска има очекувања, но тоа не значи дека ќе им ги исполниме“ ги коментираше турскиот претседател Ердоган очекувањата на кандидатот Шведска да биде примена во НАТО на претстојниот самит во Вилнус, Литванија, на 11 и 12 јули.
Ердоган веќе 13 месеци го блокира влезот на Шведска во НАТО, критикувајќи ја нејзината попустливост кон курдските борци кои се засолниле на нејзина територија.
„За да ги исполниме овие очекувања, Шведска мора прво да го исполни својот дел“, додаде турскиот претседател пред новинарите.
Денеска во Анкара треба да се одржи трилатералната средба на Турција, Шведска и Финска, а на дневен ред ќе биде и кандидатурата на Шведска за членство во НАТО.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на почетокот на јуни во Истанбул ја повика Турција „што е можно поскоро“ да донесе конечна одлука за прием на Шведска во Алијансата, оценувајќи дека таа „ги исполнила своите обврски“.
Во исто време, во Стокхолм се одржа митинг против Ердоган и против членството, со учество на група за поддршка на курдските вооружени групи во Сирија, непријатели на Анкара.
„Не можеме да гледаме со одобрение што прават шведските полициски сили? Нивната работа е да ги спречат. Ако не работите на тоа, нема да можеме да кажеме „да“ во Вилнус“, изјави денеска Ердоган.
Шведска ќе екстрадира поддржувач на ПКК во Турција
Турските власти се уште бараат екстрадиција на десетици курдски борци кои се засолниле во Шведска и кои ги нарекуваат „терористи“, што шведската влада ја смета за невозможна мисија поради независноста на судството.