Епски пресврт на Ивановски на тенискиот челинџер во Јаши (ВИДЕО)

Македонскиот тенисер Калин Ивановски спаси две меч-топки пред да направи пресврт и да слави против домашниот натпреварувач Николас Давид Јонел со 4-6, 7-6 (4), 6-2 по маратонски три часа и две минути игра на челинџерот од серијата 100 во романскиот град Јаши.

Ивановски, кој е 370. на АТП-листата во сингл, два пати беше на работ на поразот при 5-4 за Јонел (192.) во вториот сет, но најде сили за голем кам-бек што му донесе пласман во второто коло на турнирот „Конкорд Јаши опен“, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 118 илјади евра.

По елиминацијата на единствениот Романец меѓу најдобрите 200 тенисери во светот, следен противник на првиот македонски рекет утре од 18 часот ќе му биде уште еден Романец, Филип Кристијан Јиану (312.), кој на стартот го совлада седмиот носител Енцо Куако (158.) од Франција со 6-2, 6-1.

Најдобриот тенисер од Македонија за настап на главниот турнир се избори преку квалификациите, во кои ги победи Брендон Вокин (791.) од Австралија со 6-2, 6-2 и Дан Александру Томеску (439.) од Романија со 7-6 (9), 7-6 (5).

Спасените меч-топки од Ивановски на 2:18:00 часа од почетокот на видеото:

https://www.atptour.com/en/atp-challenger-tour/challenger-tv/challenger-tv-search-results/2023-8394-ms029-iasi-kalin-ivanovski-vs-nicholas-david-ionel/2023/8394/all