ЕП: Сите ЕУ членки да признаат еднополови бракови

Европската унија мора да ги отстрани сите пречки со кои се соочуваат ЛГБТ семејствата и истополовите двојки во остварувањето на нивните основни права, велат европратениците во резолуцијата за правата на истополовите двојки и членовите на заедницата.

Резолуцијата беше усвоена со 387 гласови „за“, 161 „против“ и 123 „воздржани“.

Европскиот парламент нагласува дека овие граѓани треба да бидат во можност целосно да ги остварат своите права, вклучително и правото на слободно движење низ ЕУ.

Во резолуцијата се наведува дека браковите или регистрираните партнерства склучени во една земја-членка треба да се признаат во сите на ист начин и дека брачните другари и партнери од ист пол треба да се третираат на ист начин како и двојките од ист пол.

По пресудата на Судот на правдата на Европската унија во случајот Коман и Хамилтон, која утврди дека одредбите за „сопружници“ во Директивата за слободно движење важат и за двојките од ист пол, Комисијата треба да преземе мерки за извршување против Романија, каде што владата не го ажурираше националното законодавство за да ја примени оваа одлука, инсистираат европратениците.

Резолуцијата исто така ги повикува сите земји на ЕУ да ги прифатат лицата наведени во изводот на детето како негови легални родители.

За да се осигура дека децата нема да станат без државјанство кога нивните семејства се движат меѓу земјите -членки, европратениците инсистираат на тоа дека семејствата треба да се третираат еднакво низ цела ЕУ.

Конечно, европратениците ја забележуваат дискриминацијата на која се подложени ЛГБТ заедниците во Полска и Унгарија. Парламентот повикува на понатамошни дејствија од страна на ЕУ (постапки за повреда, судски мерки и буџетски инструменти) против овие земји. BGNES