Денеска и утре Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) одржува седница на чиј дневен ред, меѓу останатите е и расправата и гласањето по Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.

Поднесени се 320 амандмани на Извештајот, од кои 50-на се од бугарски европратеници. Тие со амандман бараат да се исфрли делот од извештајот во кој се бара преговарачкиот процес да не се злоупотребува за решавање на билатерални спорови.

Бугарските пратеници инсистираат услов за прием на земјава во ЕУ да биде спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Наспроти нив, европратеничка од Холандија предлага амандман со кој се осудува говорот на омраза и заканите што доаѓаат од екстремни бугарски политичари кон земјава, како заканите упатени кон претседателот Стево Пендаровски и ширењето на идеи за Голема Бугарија, кои се оценуваат како спротивно на европските вредности и дека ги нарушуваат добрососедските односи.

Оваа европратеничка бара целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик и историја од страна на сите земји членки на ЕУ, спорот околу историјата да се решава надвор од преговорите за членство, како и да се повлече поддршката на Европскиот парламент за уставните измени.