Енчев: Договорот со Македонија, но и Преспанскиот, се катастрофа за Бугарија

Бугарскиот новинар, политичар и дипломат Велизар Енчев, кој на претстојните избори е кандидат на „БСП за Бугарија“, ги смета за „историски неуспех“ и „катастрофа“ за Бугарија договорот со Македонија и Преспанскиот меѓу Македонија и Грција.

„Договорот со Македонија склучен на 1 август 2017 година е историски неуспех на Бугарија. Потпишавме договор со кој автоматски ја внесовме Македонија во Северноатлантскиот пакт под американски притисок, се разбира, наспроти голите ветувања на Скопје дека ќе направи ревизија на својата историја преку една лажна мешовита комисија. Во членот 2, алинеја 2 од договорот, на кој сега се повикува македонската страна, фактички ние ја даваме својата согласност за членство на Македонија во НАТО и во Европската унија без да поставуваме некакви услови. Тој член е вистинска катастрофа за Бугарија. Второ, ВМРО дозволи да се потпише Преспанскиот договор меѓу Грција и Република Македонија, со кој беше ставено името Република Северна Македонија, кое е географска одредница и отворена територијална претензија кон Република Бугарија. Тоа не требаше да бидат двострани договори, туку тристрани – меѓу Бугарија, Грција и Македонија“, рече Енчев во дебатата со Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД на БТВ.