„Емирејтс“ ќе вработува кабински персонал од Македонија

Авиокомпанијата „Емирејтс“ од Обединети Арапски Емирати ќе ангажира нови членови на кабинскиот персонал од Македонија, стјуарди и стјуардеси, на отворениот ден закажан за 30 септември во 8 часот во Скопје, а местото дополнително ќе биде одредено.

Условите за станување член на акипажот на „Емирејтс“ се: возраст од најмалку 21 година во моментот на вработувањето, распон на рацете од најмалку 212 см, завршено средно образование, течно познавање на англискиот јазик (пишано и говорно), без видливи тетоважи во униформа на „Емирејтс“ и апликантот мора да биде физички подготвен за исполнување на барањата на екипажот. Заинтересираните мора да понесат со себе Си-Ви. Ако сите барања се задоволени, завршни интервјуа ќе бидат одржани во текот на истата седмица. Дополнителни детали и формуларот за аплицирање можат да се најдат на вебстраницата на компанијата.

Вакви акции за регрутирање кабински персонал компанијата ќе спроведе и во Будва утре, во Белград на 6 септември и во Загреб на 10 септември.

Поволностите од работењето во екипажот на „Емирејтс“ се: просечна месечна плата од околу 2.115 евра, трошоци за преседнување, бесплатно сместување во Дубаи, надоместоци за патувачкиот персонал, една бесплатна авионска карта годишно до земјата на потекло и годишен одмор од 30 дена.

„Емирејтс“ е најголемата авиокомпанија на Блиски Исток, која остварува над 3.600 лета неделно од Дубаи до повеќе од 140 града во 81 држава на шест континенти.