Европската агенција за лекови, ЕМА, потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на Астра Зенека и згрутчувањето на крвта, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од Агенцијата сметаат дека оваа последица е многу ретка и бенефитите и натаму се поголеми од ризиците.

За експертите од Агенцијата мора да продолжи вакцинацијата со сите расположливи вакцини затоа што тие спречуваат тешка форма на болеста и хоспитализација.

Агенцијата ќе ги информира сите здравствени работници како да ги детектираат знаците на згрутчување на крвта кај пациентите, а предупредувањата во упатството за АстраЗенека ќе бидат актуализирани и ќе го содржат згрутчувањето на крвта како можна последица од оваа вакцина.

За сега начинот на кој се случува оваа реакција не е јасен, една од можните причини е дека се случува имунолошка реакција слична на таа што се случува кај пациенти третирани со хепарин.

Ризикот од тромбоза по АстраЗенека може да се случи до две недели по вакцинирањето, а можни знаци се краток здив, тешкотии со дишење, болка во вратот, главоболка и заматен вид, меѓу другото.