Елмас ја докрајчи Сампдорија од пенал за кој сам се избори

Елиф Елмас ја запечати победата на Наполи против Сампдорија од 2:0 во Џенова со успешно изведен пенал во 82. минута од натпреварот од 17. коло во италијанската Серија А.

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, кој беше во почетниот состав и на теренот помина 87 минути, ја доби довербата да ја изведе најстрогата казна откако Матео Политано во 5. минута не го реализира ударот од белата точка.


За 23-годишниот играч за врска, кој сам се избори за пеналот откако еден од противничките играчи ја зафати топката со рака, ова е четврти првенствен гол сезонава.

Тимот од Неапол со својата 14. победа во лигата се зацврсти на врвот на табелата со 44 бода, седум повеќе од Јувентус и од Милан.