Елиф Елмас повторно стрелец за Наполи, и повторно за заокружување на победа, овојпат величествени 5:1 против Јувентус во дербито на 18. коло од италијанската Серија А меѓу двете првопласирани екипи досега, по кое тимот од Неапол се зацврсти на врвот на табелата.
Како и пред пет дена во победата над Сампдорија од 2:0 во Џенова, репрезентативецот на Македонија го постигна последниот гол на средбата, овојпат во 72. минута, а играше од почетокот на второто полувреме.
Покрај 23-годишниот играч за врска, за Наполи погодија и Осимхен (два пати), Рахмани и Кварацхелија, а Ди Марија за Јуве, кога намали на 2:1 во 42. минута.
За Елмас ова е петти првенствен погодок сезонава за Наполи, кој сега води со 47 бода, 10 повеќе од Милан и Јувентус.