Ексклузивно: Што содржи договорот Ципрас – Заев

Името Северна Македонија со Ерга Омнес, односно во целосна домашна и меѓународна употреба откако ќе се направат уставни измени е суштинскиот дел од договорот што вчера го постигнале премиерите Заев и Ципрас. Треба да биде потпишан до крајот на неделава во Преспа дознава expres.mk од добро упатени извори.

Јазикот и нацијата со договорот се решаваат на следниот начин:

Република Северна Македонија со договорот признава дека Македонскиот јазик (Macedonian language) е со словенско потекло согласно рамката во ОН.

Со договорот Македонија се согласува националноста да се именува како Македонски/граѓани на Република Северна Македонија но со објаснување дека Македонците не се во никаква врска со античката грчка култура.

Со Договорот Македонија целосно се откажува од македонското малцинство во Грција односно се обврзува да ја избрише реченицата од уставот со која се предвидува заштита на македонските малцинства во соседните земји и членот 49 од уставот со кој се регулира ова прашање да се направи по истиот урнек како во грчкиот устав кој говори за дијаспората.

Периодот на транзиција односно на промена на сите внатрешни документи во Македонија ќе биде поврзан со почетокот на пристапните преговори за влез во ЕУ.

За трговските марки ќе биде формиран комитет кој треба дополнително да го реши овој проблем.

Договорот најпрвин ќе треба да биде изгласан во македонското Собрание по што ќе следува писмо од грчката страна до ЕУ и НАТО со кое ќе се охрабри Северна Македонија да започне пристапни преговори за ЕУ и да влезе во НАТО, но дури откако ќе бидат спроведени уставните измени.

На самитот на ЕУ на 28/29 јуни Северна Македонија треба да добие позитивен сигнал и покрај противењето на Франција и Холандија но со поддршка на Германија.

Самитот на НАТО на 11 јули да повика на прием на Северна Македонија која за да влезе ќе мора да направи уставни измени.

Северна Македонија ќе мора да испрати писмо до сите земји членки на ОН во кое ќе побара сите што ја признале како Република Македоннија да ја именуваат како Северна Македонија во билатералните односи и во меѓународните организации.

Меѓу јули и декември оваа година Северна Македонија ќе одржи референдум и доколку резултатите се позитивни ќе се продолжи со уставната ревизија. Ако се негативни постои план Б за одржување на парламентарни избори со референдумски карактер.

Откако Северна Македонија ќе ги заврши сите обврски договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент и во исто време ќе биде ратификуван влезот на Северна Македонија во НАТО.