Единаесет години студио Марбал, и компаниите и вработените имаат корист од Active Living

Студиото за танц и аеробик Марбал повеќе од една деценија е активно на македонската сцена а деновиве е актуелно со една идеја која може да биде добра и за бизнисите и за вработените.

Идејата која го промовира активното живеење е повод за разговор со Студио Марбал.

Прашање: Овој месец го прославивте 11-тиот роденден на студиото Марбал, честитки! Сепак роденденот не е причината за нашиот разговор туку вашето учество на повикот во рамки на проектот RISE 3 во организација на невладината организација АРНО каде се претставивте со една посебна идеја, нова бизнис понуда која е поразлична од вашето досегашно работење. Може ли да ни кажете повеќе за што станува збор?

Одговор:

Ви благодариме на искрените честитки. Oва е специјален роденден каде Студио Марбал затвора една прекрасна декада со многу успеси и започнува нова со нови можности за понатамошно развивање и следење на принципот на Active Living што е животен стил кој ја интегрира физичката активност. Од каде и произлегува програмата на Active Workplace која е одличен начин да се одржите активни и здрави без да ја жртвувате вашата продуктивност на работното место.

Можете да ги завршите вежбите на вашето биро, за време на паузите или дури додека патувате до работа. Целта на Active Living (или Активно живеење) е благосостојба, физичкото здравје, но и среќа на различните категории како вработени (компании), помали заедници, семејни програми и индивидуалци.

Во првата година благодарение на АРНО и проектот RISE JOURNEY 3, се разви идејата за Active Workplace која е една од четирите компоненти на Active Living (Активно живеење). Active Workplace се состои од услуги кои ќе им овозможат на луѓето рекреативно дружење преку танц активности, тимбилдинг, вежби за истегнување (пилатес, јога, аеробик), социјални игри, мини олимписки игри и многу други активности.

Прашање: Какви придобивки би имале компаниите?

Одговор:

Не е ни чудо зошто се повеќе луѓе низ светот земаат часови по танц. Без разлика дали сакате да пробате нешто ново и возбудливо, да се чувствувате инспирирани или да ја изразите својата креативност, танцувањето има многу придобивки за вашиот ум, тело и душа што ќе ви помогнат да го живеете животот во потполност.

Ова се дел од придобивките на оваа програма:
-Поголема продуктивност и ефикасност,
-Градење на тим,
-Ја истакнува креативноста,
-Создава самодоверба,
-Ја зголемува енергијата,
-Се гради почитување,
-Го подобрува здравјето,
– Танцувањето ве прави попаметни

Прашање: Кои се вашите следни планови?

Одговор: Во претстојниот период планираме да започнеме со промоција на концептот Active Living, но како главна цел во 2023 ни е подготовка на специјална понуда и промоција за Active Workplace во македонските компании, која секако подлежи на истражување како би ги задоволила нивните вистински потреби за зголемување на задоволството на вработените кое директно ќе се одрази на зголемување на продуктивноста на компаниите. За таа цел започнуваме со мапирање на потенцијалните компании кои ќе развијат општествена свесност и ќе превземат чекори за благосостојбата на своите вработени.