„Албанскиот премиер Еди Рама не сакаше да бидат урнати Ахмети и Заев од власта и придонесе да да не се оствари тоа големо очекување. ‘Отворениот Балкан’ ја обнови Владата на Заев и Ахмети, но под името на Димитар Ковачевски. На Рама му се потребни Заев и Ахмети, бидејќи како би изгледал двоецот Рама – Вучиќ без Заев и Ахмети на патот кон ‘Отворениот Балкан’?“ – вели поранешниот македонски министер за финансии и политички аналитичар Џевдет Хајредини во својата колумна со наслов „Владата на Ковачевски – производ на ‘Отворениот Балкан“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.

Хајредини пишува: „Бизарни беа некогашни говорења на Албанците за државата Македонија: ќе се растури, ќе се распарчи и што се не друго. Сево ова беше искажување на револтот и надежта дека за Албанците ќе се изгради Македонија како поправедна држава. Исто и Али Ахмети со УЧК првично во 2001 година ја започна со ист говор. Меѓутоа, војната заврши со политички хепиенд, по кој Ахмети и неговите другари си се сместија дваесет години во власта и го ‘заборавија’ тој говор.“

„Во исто време, Ахмети и тие другари ја тркалаа државата од криза во криза, од избори во избори, заклучувајќи ги граѓаните, особено Албанците, во сиромаштија и во несигурност. За сето време на владеење на ДУИ се чувствуваше апсолутен недостиг на идеи како да се управува и како да се гради една држава ефикасна и рамноправна за Албанците, како што се замислуваше и со војната во 2001 година. Поправо, екстремните меѓумакедонски конфликти како реална можност за бенефити за Албанците Ахмети и ДУИ ги претворија во партиско владеење според идеологијата на ‘држава – партија’. За сето време на владеење на Албанците на чело со Ахмети успех беше само влезот на државата во НАТО, но благодарејќи на западната геостратегија и особено на американската геостратегија и со мала помош на прозападниот Заев.“

„Денес како да се засилуваат помиреноста и рамнодушноста, поради мислењето дека не постои сила, која ќе ги симне Али Ахмети и ДУИ од власта. Всушност, политичкото катапултирање на албанската опозиција во Македонија од крајноста на уривање на Владата преку гласањето за доверба за нејзино задржување ги засилува видно помиреноста и малодушноста. Која е политичката логика опозицијата по последните катапултирања да промовира беспримерен политички апсурд: уривање на Владата, за да би преживеала таа иста Влада?! Како и да е, албанската и македонската опозиција се обидоа со првото вистинско барање за изгласување недоверба кон Ахмети и Заев, но не успеаја како во филмовите на Хичкок.“

„Очигледно, и претседателот на Владата на Албанија Еди Рама не сакаше да бидат урнати Ахмети и Заев. Рама го направи ова со елеганција. Поради тоа се чини не се оствари големото очекување за соборувањето на Али Ахмети. Значи, тука постои еден дополнителен суштински аргумент: дали ‘Отворениот Балкан’ ја обнови Владата на Заев и Ахмети, но под името на Ковачевски? Сигурно да, бидејќи Еди Рама ги посакуваше своите сопатници Заев и Ахмети, бидејќи како би изгледал двоецот Рама – Вучиќ без Заев и Ахмети на патот кон ‘Отворениот Балкан’?“ – заклучува Хајредини во својата колумна.