Еден кандидат аут, уште тројца од СДСМ во игра за претседател на Македонија

Еден од четирите кандидати кои циркулираат за кандидат за претседател во коалицијата на СДСМ е надвор од игра откако партиски структури инсистирале Бихаќка да го даде кандидатот.

По направените анализи за министерот за локална самоуправа Ристо Пенов врвот на СДСМ одлучил екс градоначалникот на Скопје веќе да не биде во конкуренција за кандидат за претседател.

Луѓе во врвот на СДСМ реагирале дека е срамно помалиот коалиционен партнер ЛДП да дава кандидат за претседател особено што Пенов немал речиси никаква предност пред другите тројца кандидати кои досега изразиле подготвеност да влезат во трка за иден домаќин на вила Водно.

Откако лидерката на ЛДП Моника Зајкова не успеала да излобира Пенов да биде кандидат на коалицијата на власт за претседател сега одлуката ќе се носи во круг од тројца познати политичари.

Еден од нив е актуелниот претседател Пендаровски кој деновиве минува низ тест кој му го поставува пред се ДУИ но и СДСМ.

Вториот кандидат е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој освен што веќе има свој неформален штаб, своите јавни настапи со месеци ги форматира како да е аспирант за претседателски кандидат.

Третата кандидатка е Радмила Шеќеринска за која кругови од СДСМ велат дека во нејзин стил ,,изразила подготвеност да влезе во битка за претседател ако нема друг кандидат со шанси за успех и ако тоа е најдобрата опција за партијата и Македонија”.

Извори во СДСМ велат дека во игра се уште неколку интелектуалци кои би можеле да ја обединат ,,европската идеја”, но за нив ќе се размислува само ако ниту еден од актуелните тројца кандидати немаат шанси за победа.

Во ДУИ засега се оди на сценариото за поддршка на претседателски кандидат од СДСМ затоа што тоа е поврзано со Албанец премиер во техничката влада но се размислува и за посебен кандидат ако други албански партии излезат со добар заеднички кандидат Албанец кој може да биде подобар од кандидатот на СДСМ.