Уште утре да се распише конкурс за идејно решение за споменик за Горан Пандев. Во природна големина. Гордо исправен пред Националната арена во Скопје. И веднаш да почне процес на нејзино преименување според капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија. Поклон до земја и почит до небо за тоа што Тоше Проески го направи за Македонија и за неговата неспорна македонштина, но по македонската музичка икона треба да го носи името нова концертна сала или реконструираната Универзална. Најголемиот стадион во државата треба и мора да се вика според најдобриот македонски фудбалер во историјата.

Нема со што не ја задолжи (фудбалска) Македонија 37-годишниот струмичанец. Најмногу настапи (со денешниот со Холандија вкупно 122) и голови (досега 38) за националниот тим. Го постигна првиот гол на Македонија во нејзиното деби на континенталните фудбалски собири. Втор највозрасен стрелец во историјата на европските првенства. Токму со неговиот погодок падна Грузија во Тбилиси и беше изборен историскиот пласман на ЕП 2020. Ја „отвори“ Германија на нејзин терен во квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар, навестувајќи го најголемиот фудбалски триумф на Македонија во историјата.

На клупско ниво освои буквално сè што можеше да се освои: Лига на шампиони, Светско клупско првенство и Серија А со Интер, пет Купа на Италија (по два со Интер и со Наполи и еден со Лацио), Суперкуп на Италија со Интер, шампионска и куп-титула со Галатасарај во Турција.

Трицифрен број голови (101) во најсилната италијанска лига. Два пати најдобар стрелец во Купот на Италија. Пет пати прогласуван за македонски фудбалер на годината. Инвестира во македонскиот фудбал преку Академија Пандев, која за кратко време стана прволигаш и го крена пехарот од Купот на Македонија.

До утре сабајле можеме да ги редиме поединечните, клупски и репрезентативни рекорди на популарниот Гоче. Но, најважна од сè е аурата околу него. Почитуван буквално од сите (со)играчи, тренери, спортски коментатори и новинари, обожуван од навивачите. Неспорен авторитет на теренот и надвор од него. А скромен во однесувањето, без никакви дамки во супер успешната и долга кариера.

Штета што дуелот со „лалињата“ му е последен за „рисовите“. Има во неговите нозе уште експлозив, има во него напластено искуство за да ги предводи Елмас, Алиоски, Барди, Адеми, Ристовски, Димитриевски и на уште попосакуваниот настап на планетарен шампионат. Посебно зошто Македонија одлично ги отвори квалификациите. Кој знае, можеби токму тоа и еден заеднички притисок од фудбалската јавност ќе го премислат. И тоа како ни е потребен во преостанатите мечеви на патот кон Катар.

Огромна благодарност за сè што стори досега. Капата долу пред мајсторот на фудбалската игра.

Еден е Пандев!