Навредливо именување на државата во анализа на еден од водечките педагози меѓу наставниците кој предаваат на аожлбански јазик во Македонија.
„с.Македонија – Илирида со своето образование се рангира меѓу последните држави во светот“ – констатира Етем Џеладини, долгогодишен наставник и поранешен раководител на Сојузот на албанските наставници во Македонија во својата колумна под наслов „Политиката го уништува образованието на сите рамништа: политичари од позицијата и опозицијата, рацете колку е можно подалеку од образовните институции!“. Во колумната, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА, Џеладини критикува за последиците од политизацијата на образовните институции во Македонија на сите рамништа.
Овој просветен работник, сега веќе пензиониран, во својата анализа ја преименува државата и го користи името на обликот на политичко – територијалната автономија, за која Албанците имаат и гласано на свој референдум во 1992 година, а во врска со која навестеното „Движење за Илирида“ пред неколку месеци прокламираше дека и ќе се стреми кон формирање на таа „нова државна единица во рамки на Македонија“. Не е целосно јасно дали „територијално – образовните“ тврдења на колумнистот се однесуваат само на оној простор во Македонија, во кој живеат Албанци, или тој се искажува за целата држава.
Џеладини вели: „Со почетокот на новата учебна година започнува и изборната кампања за локалните избори на 17 октомври 2021 година. Ќе видиме колку ќе ги има политиката рацете подалеку од образовните институции, почнувајќи од градинките, основните и средните училишта, како и од универзитетите, иако овие институции се деполитизирани со законите.
Тој дополнува: „Секој од директорите во образовните институции вели едно исто за атмосферата во воспитно – образовниот процес и сега на прагот на локалните избори и претходно на парламентарните избори за својот третман велат: ‘Ние сме само фигури овде. Партиите ни испраќаат барања за професори, за помошни работници, за директори. Ние сме само извршители на наредби. Образованието е целосно политизирано!“
Според колумнистот, „образовните институции (училиштата) станаа места каде што се произведуваат гласови за политичките партии, места за вработување партиски милитанти, места за продажба на оценки за испити, како и за купопродажба на дипломи“.
„Дали постои и зошто постои нешто што се нарекува ‘Министерство за образование’? На тестот за знаење ПИСА меѓу 70 држави од светот, но и според други рангирања, образованието на с.Македонија – Илирида се рангира меѓу последните држави во светот!! Самата министерка за образование Мила Царовска со своите реформи кои сака да ги примени му наштетува на наставно – образовниот процес и ќе им биде многу тешко на оние што ќе дојдат по неа да ги поправат тие штети. Врвот на штетите ќе биде отстранувањето на класичниот дневник од употреба, заменувајќи го со електронски дневник.“ – вели покрај другото во оваа колумна Етем Џеладини, која ја објави ИНА.