Џамбаски: Браво Зоране, одлично Заев!

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски експресно реагираше на изјавата на македонскот премиер дека ќе се брише „бугарски“ пред фашистички окупатор во учебниците и дека за возврат и Македонија бара исправки на некои слабости во бугарските учебници.

„Браво, Зоран, одлично, Заев! Станувате се’ повеќе политички агилни во вашите изјави за Бугарија. Но, некако ми звучи како купопродажна зделка, во стилот на Тито“, коментира Џамбаски на Фејсбук.

„Немало да се променат учебниците по историја туку само „бугарскиот фашистички окупатор“ ќе се раздели со неговиот етнички тон. Генијално, Зоран Заев, ова ги решава сите проблеми на вашиот образовен систем! Нека останат вашите фалсификати, кражби на историјата.

Наместо фашистички окупатори, вашите деца ќе учат за Бугарите дека тие се Монгол-Татари. Фер е, нема збор.

Џамбаски натаму цинично забележува дека со исчезнувањето на зборот „бугарски“ ќе се речеле сите проблеми, и дека е време да се побара нешто за возврат.

„Сега Бугарија ќе мора сериозно да ги промени учебниците, бидејќи, гледате, во нив забележавте “одредени слабости’. И ние знаеме дека историската вистина е најголемата „слабост“ за вас и вашата клика. Денес, на Денот на независноста (на Бугарија-н.з.), мора да биде многу јасно дека нема да ја смениме нашата историја за да му биде удобно на еден политички шмекер“ – вели Џамбаски.

„Нашата историја не се менува и не се продава затоа што ја зачувува нашата национална чест“, му порачува европратеникот на македонскиот премиер.