Џамбаски: Ако во Скопје мислат дека „мечот“ завршил, длабоко се лажат!

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски реагира за изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека преговорите со Бугарија завршија со 3:1 за Македонија, бидејќи „го зачувавме јазикот, преговараме за членство во Европската унија и историските прашања се надвор од патната карта“.

„Исмејувањето од Македонија на Бугарија не престанува! Срамното предавство кое го изврши 47-то Народно собрание, кое ја смени бугарската позиција, е прифатено како победа од 3:1 за македонизмот и за неговите извршители во Скопје. Дотука нè доведе безрбетната жална сорта национални предавници и нихилисти кои во името на служењето на своите туѓи господари го предадоа бугарскиот интерес. Ги предадоа бугарската историја, бугарското сеќавање, ја предадоа, ако сакате, можноста за вистинско пријателство и добрососедство, бидејќи по промената на бугарската позиција и отстранувањето на т.н. вето во Северна Македонија беше опожарен бугарскиот културен центар ‘Иван Михајлов’ во Битола. Не само тоа, клубот го претресуваа надлежните, со цел да го заплашат секој што реши гордо да се изјасни како Бугарин.

Срам ќе надвладее над предавниците. Нашата задача е да продолжиме да се бориме и да се залагаме за вистината. А таа е – еден народ живее од Охрид до Црно Море. Народ со заедничка историја, заеднички јазик и заедничка иднина!! ️

Ако во Скопје мислат дека ‘мечот’ завршил – длабоко се лажат.

Бугарија има потреба од национално одговорни политичари. Луѓе кои нема да се наведнуваат пред Вашингтон, Брисел или Москва. Токму такви сме ние. Ние не ја предадовме нашата кауза во ниту еден момент и нема да се откажеме од неа, зошто таква ни ја оставија во аманет нашите предци“, порача копретседателот на бугарската вонпарламентарна партија ВМРО-БНД.