Претседателот на собранието Талат Џафери не се согласува дека парламентот може да „украде“ 15 дена од законски предвидените 60 за изборниот процес поради усвојување на законот за јавно обвинителство..

„Лидерите на парламентарните партии заедно се договорија да се одржат избори на 12-ти април, и тогаш знаеја кои закони се битни за донесување пред да се распушти парламентот. Сега во последен миг се пласираат идеи кои се косат со законските рокови за изборните дејства “ – вели Џафери за Дојче веле.

„Уставот е јасен: избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Институциите треба да работат според закон, а не според желби. И јас сум член на партија, и на партијата ѝ кажувам какви се роковите. Не е дека сакам да опонирам, туку мора да ги почитувам нормите”, вели Џафери.

Според него, тие 60 дена се исполнети со изборни дејства, за кои роковите не може туку така да се кратат. Дури и парламентарните партии да се договорат зa одложување на распуштањето на парламентот за неколку дена, прашањето е што е со вонпарламентарните партии?