Џафери нема да прими предлог за разрешување на Филипче

Во врска со најавата на Христијан Мицкоски дека ќе поднесе предлог за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и на неговиот заменик Илир Хасани до Собранието, спикерот Талат Џафери вели дека може да биде поднесен само предлог за интерпелација.

Според него, оставка се поднесува само до тој го предложил функционерот, а во случајот, министерот Венко Филипче и заменикот Илир Хасани, тоа треба да го направат до премиерот Зоран Заев како мандатар за состав на Влада.

Членот 184 на кој се повикува ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на постапка за разрешување, вели Џафери за Сител.

Според него, воопшто не постои можност за постапка за разрешување.

„Јас не можам да ја процесирам. Тоа тие можат да поднесат предлог-одлука, ама содржината која се однесува на работа која не е законодавна постапка, како ќе оди во второ читање таа постапка? Ќе оди на Комисија за избори и именување за да се поднесат амандмани? Немојте, тоа се пропишани работи и процедури коишто се надвор од она што е Деловникот“, рече Џафери за Сител.