Џачка: Отстранете ги барикадите, опасниот судир мора да заврши – Албанија е на страната на Косово

Албанската министерка за Европа и надворешни работи Олта Џачка порача дека Албанија е на страната на Косово и ги повика српските власти „да не ги оправдуваат ниту барикадите, ниту криминалните групи, кои одбиваат да ги отстранат“.

„Ние сме со Косово во оваа тешка ситуација и ги повикуваме српските власти да не ги оправдуваат ниту барикадите, ниту криминалните групи, кои одбиваат да ги отстранат. Играњето со оган е многу лоша идеја за иднината на сите наши деца“ – порача Џачка. Во реакција на фејсбук во врска со напнатоста на северот на Косово таа истакнува дека „од минута во минута ја следат вештачки продолжената криза на северот на Косово“, искажувајќи и „нивна длабока загриженост поради ескалацијата на тензиите“.

„Барикадите на северот се подигнати не од некој бран на народниот гнев, туку од група озлогласени криминалци, тие не само што го спречуваат нормалниот тек на животот, туку се и сцени, што потсетуваат на црните денови од 1990-тите, кои нашиот регион ги остави засекогаш зад себе заедно со поранешна Југославија’ – нагласи Џачка.

Таа изнесе став дека „ова не е време за воени закани, туку за дијалог и соработка“. „Ова не е време за воени закани или неприфатливи напади против косовската полиција, КФОР и полицијата на ЕУЛЕКС. Ова е време за дијалог и соработка. Оваа опасна конфронтација мора да заврши и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“ – заклучува шефицата на албанската дипломатија Олта Џачка.