Министерството за надворешни работи и неговиот шеф Бујар Османи со дијаметрално спротивни позиции за два инцидента во кои македонски државјани што се идентификуваат како Бугари се пожалија дека биле натепани поради своето национално самоопределување.
За вчерашното претепување во Струга на Бекир Кадриески од Лабуништа, МНР „апелира за воздржаност од предвремени квалификации сè до целосно расчистување на случајот“, иако копретседателот на здружението на Бугарите „Шемето“ за „Нова.бг“ изјави дека напаѓачот А.Н. од Велешта му дофрлил “валкан Бугарин“.
За физичкиот напад во јануари врз Христијан Пендиков, пак, министерот Бујар Османи не сакаше да ги чека резултатите од истрагата, верувајќи му на секретарот на, во меѓувреме, затворениот бугарски културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид дека бил натепан поради тоа што се чувствувал Бугарин.
„За мене е важно тоа што го кажаа Христијан и мајка му, а тоа е дека причината за инцидентот било изразувањето од негова страна дека ѝ припаѓа на бугарската заедница. Иако напаѓачите велат обратно, дека имале некакви недоразбирања претходно, за мене е важно тоа што го кажаа жртвата и нејзините родители. Истрагата сигурно ќе го покаже тоа“, беше уверен Османи пред камерите на БТВ.